Во три кумановски села се градат монтажни гаражи за противпожарни возила (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Во селата Табановце, Орашац и Клечовце во тек е изградба на три монтажни гаражи за противпожарни возила.

Градоначалникот Максим Димитриевски информира дека темелите на трите објекти веќе се поставени, а дел од конструкциите се монтираат.

По завршувањето на гаражите, возилата треба да бидат предадени на доброволното противпожарно друштво, во рамки на проектната активност.

„Три гаражи се работат во моментот, основните фундаменти се поставени и дел од конструкциите веќе се поставуваат“, изјави Димитриевски.

 

 

Според него, во активностите ќе бидат вклучени доброволни пожарникари од месното население, кои треба да поминат обука од страна на кумановските пожарникари.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 56-годишен кумановец, откако го нападнал својот син

Обуката ќе се реализира и во соработка со противпожарни екипи од Хрватска, под менторство на австрискиот партнер.

Командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски вели дека бетонските плочи на објектите веќе се поставени, а во моментов се работи на металните конструкции.

 

 

На две од локациите тие веќе се завршени, додека останува да се заврши третата.

– Првата фаза односно бетонската плоча која ќе биде под е поставена. Моментално се работи на металните конструкции каде што фирмата ги работи во две села се завршени, останува уште едно.  Откако ќе се заврши металната конструкција се оди со поставување на панели, со тие панели објектот односно гаражата ќе биде затворена и откако ќе завршат со поставување на панелите средува внатрешно уредување, изјави Станковски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Делови од кумановско утре и задутре без струја

Изградбата на гаражите ја финансира самата Општина Куманово.

Станковски информира и дека со помош на донаторите од австриската покраина Тирол, од септември 2025 година досега се обновени седум возила на ТППЕ Куманово, со што значително е подобрен капацитетот на единицата.

 

 

Сепак, останува потребата од понови возила за интервенции при шумски пожари. Иако ТППЕ Куманово располага со такви возила, Станковски посочува дека нивната просечна старост е над 40 години.

„Доколку постои можност ќе се трудиме да обезбедиме некое поново возило“, посочува командирот.

Во однос на бројот на пожарникари, Станковски вели дека минатата година преку Дирекцијата за заштита и спасување биле ангажирани околу 25 до 30 сезонски пожарникари на територијата на Куманово. Годинава таков повик нема, а во ТППЕ Куманово моментално се вработени 43 лица.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Коалицијата никогаш не функционирала подобро (ВИДЕО)

Тој додава дека и покрај кадровскиот недостиг, досегашните интервенции на единицата се завршени без поголеми проблеми.

Никола Ивановски