Воените активности на НАТО на Арктикот претставуваат директна закана за безбедноста на Русија и го зголемуваат ризикот од вооружен конфликт, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, објави денес Интерфакс.
„НАТО ја започна операцијата „Арктичка стража“ во февруари 2026 година, со цел проширување на военото присуство на високи географски широчини. Во тек се интензивни воени подготовки во непосредна близина на нашите северни граници“, напиша министерот во својата статија „Меѓународна соработка на Арктикот: Предизвици и можности“, објавена на информативниот портал Arctic.ru.
Шефот на руската дипломатија додаде дека се спроведуваат „големи, агресивни вежби“ со учество на земји надвор од регионот, како и дека се формираат нови елементи на командната и штабната структура на НАТО.
„Ваквите воени активности на Далечниот Север претставуваат директна закана за безбедноста на Русија. Постои растечки ризик од инциденти што би можеле да предизвикаат вооружен конфликт со потенцијално катастрофални последици“, предупреди Лавров.
Според него, „зачувувањето на Арктикот како зона на мир и соработка“ не е во интерес на НАТО, со оглед на тоа што неговите земји-членки, „како и целиот воен сојуз, водат кон милитаризација на регионот и создавање жаришта и меѓународни тензии во таа област“.
Рускиот министер за надворешни работи, исто така, изјави дека надворешната политика на Русија во Арктикот ќе остане сеопфатна и прагматична. Тој нагласи дека Русија го поддржува развојот на Арктикот како составен дел од панконтиненталната област на безбедност и соработка во Евроазија.
„Нашите сегашни противници одамна требаше да научат бројни лекции од историјата и да сфатат дека разговорот со Русија на јазикот на санкциите и заканите нема иднина. Непријателските потези се и ќе бидат исполнети со соодветен одговор, вклучително и асиметричен“, истакна министерот.
Лавров заклучи дека Русија претпочита конструктивен дијалог во кој било регион во светот, но доколку е потребно, „руските национални интереси ќе бидат заштитени со сите расположиви средства“.

