Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, остро ги отфрла тврдењата изнесени од ОО СДСМ Куманово во врска со постапката за долгорочно домашно задолжување, оценувајќи ги како неточни и манипулативни.
Тој посочува дека Општина Куманово ќе ги искористи сите правни механизми за да ја докаже исправноста на постапката.
Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната реакција на Димитриевски:
„Во целост и со најостра осуда ги отфрлам како злонамерни, неточни и манипулативни тврдењата изнесени на прес-конференцијата на Општинската организација на СДСМ Куманово, во врска со постапката за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово. Очигледно е дека, во недостаток на сопствени идеи и проекти за доброто на граѓаните, локалниот огранок на СДСМ се сведува на дневно-политикантство и свесно ширење на дезинформации, обидувајќи се да го блокира развојот на Куманово и да ги саботира клучните проекти за подобар живот на сите нас.
Нивниот триумфализам, заснован на еден прелиминарен и правно неиздржан записник од инспекциски надзор, е само уште еден доказ за нивната очајна потреба да создадат лажна слика за наводна „незаконитост“, таму каде што постои само транспарентно и домаќинско работење во интерес на граѓаните.
Постапката за задолжување е целосно законска, а наодите на инспекторот се резултат на погрешно толкување на правото
Ја информирам јавноста дека констатациите на Државниот инспектор за локална самоуправа, содржани во Записникот ИП1 број 21-702 од 04.08.2026 година, се целосно неосновани и произлегуваат од еднострано и буквално толкување на законот, кое е во директна спротивност со други важечки законски прописи и со самата логика на постапката.
Поради тоа, Општина Куманово, во законски предвидениот рок, ќе поднесе детален и аргументиран Приговор против наведениот записник, согласно член 22 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа. Убедени сме во исправноста на нашата постапка и подготвени сме истата да ја докажеме пред сите надлежни институции, вклучително и пред Уставниот суд, доколку инспекторатот, воден од политички мотиви, истрае во својата намера.
Заради вистинито информирање на граѓаните, должен сум да појаснам дека постапката за долгорочно задолжување е сложен, повеќефазен процес, кој СДСМ и нивните партиски експоненти во инспекторатот или не го разбираат, или свесно го игнорираат:
1. Првичната Одлука на Советот е само почетен чекор, а не конечно одобрување. Одлуката за долгорочно домашно задолжување бр. 09-9837/31, која е предмет на напад, не претставува конечно одобрување на заемот. Таа е задолжителен и неопходен предуслов за воопшто да се започне постапката. Имено, член 16, став (4) од Законот за јавен долг експлицитно налага дека за да се добие согласност од Министерството за финансии, општината мора да поднесе токму „Одлука за задолжување“. Без оваа одлука, целата постапка е блокирана уште на самиот почеток.
2. Јавната расправа мора да се одржи кога се познати условите за задолжување. Според член 20, став (2) од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, предмет на јавната расправа се „опис на проектот и условите за негово финансирање“. Како може да се расправа за услови (каматни стапки, рокови, провизии) кога тие сè уште не се ни познати? Условите се дознаваат дури откако ќе се добие согласност од Министерството и ќе се приберат понуди од комерцијалните банки. Да се одржи јавна расправа пред тоа би било чист формализам и изигрување на законот и волјата на граѓаните – нешто што е својствено за СДСМ, но не и за нас. Нашата намера е јавната расправа да биде суштинска, транспарентна и одржана пред конечното одобрување на конкретниот договор за заем, кога граѓаните ќе можат да одлучуваат врз основа на конкретни и реални податоци.
Толкувањето на инспекторот, кое СДСМ слепо го поддржува, создава правен апсурд и процедурален ќорсокак кој го прави задолжувањето за капитални проекти практично невозможно. Ова само ја потврдува нашата теза дека не се работи за грижа за законитоста, туку за смислена политичка опструкција.
Целта на СДСМ е блокада на Куманово, а не владеење на правото
Вистинската цел на оваа координирана хајка на СДСМ и ним блиските структури во државните институции е да се спречи реализацијата на проектот „Еко ефикасни јавни претпријатија“. Овој проект предвидува набавка на нови, современи возила за собирање отпад за ЈП „Чистота и зеленило“ и инсталирање на фотоволтаици за ЈП „Водовод“, со што директно се подобруваат јавните услуги и се штедат парите на граѓаните.
Наместо да се борат за почист град и поевтина вода, советниците на СДСМ и нивната централа се борат против тоа. Наместо да го поздрават домаќинското работење, тие поднесуваат претставки и слават прелиминарни записници, надевајќи се дека ќе го запрат развојот на Куманово. Ова е врв на политичкото лицемерие и доказ дека за нив партиските интереси секогаш се над интересите на граѓаните.
Во нивното соопштение, тие зборуваат за „криминални намери“ и бараат „морална, политичка и законска одговорност“. Ваквите квалификации се не само неосновани, туку и клеветнички. Судската пракса, јасно покажува дека иако политичката дебата трпи повисок степен на критика, изнесувањето на невистинити тврдења за наводни криминали претставува основа за граѓанска одговорност. Ние нема да се спуштиме на нивното ниво и да се занимаваме со тужби, бидејќи нашето време и енергија се посветени на работа за граѓаните, а не на судски лавиринти. Сепак, јавноста треба да знае дека нивните методи се засноваат на лаги и конструкции.
Ќе ја докажеме законитоста и ќе го реализираме проектот
Ги уверувам граѓаните на Куманово дека нема да дозволиме ваквите дневно-политички игри да нè спречат во остварувањето на зацртаните цели. Општина Куманово ќе ги искористи сите правни механизми да ја докаже исправноста на своите постапки. Убедени сме дека секоја непристрасна институција ќе го потврди она што ние го тврдиме – дека постапката е законска и во најдобар интерес на граѓаните. Управните акти донесени врз основа на погрешно толкување на законот редовно се поништуваат од страна на судовите. Токму тоа го очекуваме и во овој случај.
Ги повикувам советниците од СДСМ, доколку имаат барем малку доблест и одговорност кон граѓаните кои ги избрале, да престанат со опструкциите и да почнат да работат за доброто на Куманово. Нивната улога е да бидат коректив на власта, а не нејзин кочничар. Блокирањето на проекти не е политика, туку деструкција на штета на сите нас.
Продолжуваме да работиме посветено, транспарентно и во согласност со законите, за модерно и европско Куманово“, стои во реакцијата.

