Водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење

Сподели со своите пријатели

Водата за пиење од јавниот водовод во Куманово е здравствено исправна и безбедна за употреба, покажуваат редовните лабораториски анализи што ги спроведува Центарот за јавно здравје Куманово.

Како што информира докторката Шахини Азизи од Центарот за јавно здравје Куманово, согласно договорот со ЈП „Водовод“ – Куманово, мониторингот на квалитетот на водата се спроведува континуирано, а мостри се земаат еднаш неделно, секој понеделник, според однапред утврден план.

Во текот на годината се анализираат вкупно 130 мостри од различни локации низ градот, со што се обезбедува целосен увид во квалитетот на водата што ја користат граѓаните.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Три лица натепале и ограбиле кумановец

– Досегашните резултати од лабораториските анализи покажуваат дека сите испитани мостри ги исполнуваат пропишаните услови и се во согласност со законските и санитарно-хигиенските стандарди за квалитет на водата за пиење, наведува Азизи.

 

 

Во рамки на контролите редовно се следи и нивото на резидуален хлор, кој претставува еден од најважните показатели за безбедноста на водата.

Од досега анализираните мостри, најниските измерени вредности на резидуален хлор изнесуваат 0,3 mg/л, 0,44 mg/л и 0,47 mg/л, што, според Центарот за јавно здравје, укажува на континуирано и соодветно ниво на дезинфекција.

Врз основа на добиените резултати, од Центарот за јавно здравје Куманово констатираат дека водата од јавниот водовод континуирано ги исполнува сите барања за здравствена исправност и останува безбедна за секојдневна употреба.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Михаела Домазетовиќ со одличен настап на 47. Охридски пливачки маратон

Никола Ивановски