Јорданската воздушна одбрана собори пет ракети лансирани од Иран утрово, објави јорданската државна новинска агенција Петра.
Ова се случи само неколку часа откако американската војска објави дека го завршила „силниот бран напади врз Иран“ како одговор на претходниот ирански ракетен напад врз американската база во Јордан.
Новинската агенција објави, повикувајќи се на вооружените сили на земјата, дека нема пријавени жртви во јорданското пресретнување на ракетите.
Централната команда на САД утрово објави преку социјалните медиуми дека повеќе од два часа, САД таргетирале „десетици“ цели што ѝ припаѓаат на иранската Револуционерна гарда, вклучувајќи воени командни центри, како и објекти за ракети и беспилотни летала, позиции за крајбрежен надзор и одбрана.
Најновите напади се случија неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го погоди Иран „многу силно“, по гранатирањето на базата во Јордан од страна на Иран каде што се стационирани американски војници.
Иранските државни медиуми објавија дека две лица се повредени во нападите на островот Кешм во Ормутскиот теснец и дека се пријавени експлозии во покраината Хузестан на северозапад од земјата.
Најновиот бараж се случи по вчерашната акција на САД и Саудиска Арабија, во која беа цел на позициите на проиранските милиции во соседен Ирак, кога беа убиени најмалку 20 борци и шест ирански советници.
Новите напади на повеќе фронтови, по неколку дена релативен мир, претставуваат ризик од повторно разгорување на општа војна.
Исто така, тоа покажува колку е тешко да се заврши петмесечниот конфликт што ја потресе светската економија и е непопуларен меѓу Американците, според агенцијата АП.

