Голем пожар избувна утрово, малку пред 9 часот, во ниска вегетација во Еколошкиот парк Дервени, во близина на Солун.
Голем број пожарникари беа распоредени на терен, а до граѓаните беше испратено предупредување преку системот 112 поради густ чад.
50 пожарникари, две специјализирани пешадиски единици, 12 противпожарни возила и два хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот.
Помош даваат и цистерни за вода, како и механизацијата на локалните власти, јавуваат грчките медиуми.
Засега нема информации дека се загрозени објекти во паркот или населените места.
Жителите на околните населби добија итно предупредување преку системот 112, во кое се повикуваат да останат во затворен простор и да ги држат прозорците и вратите затворени поради ширењето на чад низ областа.
Според грчката противпожарна служба, во акцијата учествуваат и 12 пожарникари од Молдавија со три возила.
Причината за пожарот засега е непозната. Истрагата ја води Специјалната единица за сузбивање на пожари од Солун, која ги утврдува околностите под кои избувнал пожарот.
Според дневната проценка на ризикот од пожар, подрачјето на Солун денес е во зона со висок ризик од појава на пожари (трет степен на опасност).

