Општина Куманово со кредит ќе набави нова механизација за јавните претпријатија

Сподели со своите пријатели

Советот на Општина Куманово на денешната седница ја изгласа одлуката за долгорочно домашно задолжување во износ од 100 милиони денари (околу 1,63 милиони евра), средства кои ќе бидат наменети за набавка на нова механизација за јавните претпријатија и поставување фотоволтаични системи.

Одлуката беше усвоена со 16 гласа „за“, пет „против“ и еден „воздржан“.

Образложувајќи ја предлог-одлуката, Фросина Милковска од Секторот за финансиски прашања, истакна дека Општината веќе добила генерално одобрување од Министерството за финансии за започнување на постапката.

„Секторот за финансиски прашања изработи предлог-одлука за долгорочно домашно задолжување со кредит од домашна комерцијална банка во висина од 100 милиони денари, за што имаме генерално одобрување од Министерството за финансии. Потребата за задолжување произлегува од потребата за обезбедување финансиски средства за реализација на мерките опфатени со СЕКАП – Акцискиот план за одржлива енергија и клима“, рече Милковска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  СИБРИГ го реновираше детското игралиште кај Спортската сала (ВИДЕО)

Таа појасни дека средствата ќе бидат наменети за реализација на проектот „Еко-ефикасни јавни претпријатија“, кој предвидува набавка на нови возила и опрема за собирање и депонирање отпад за потребите на ЈП „Чистота и зеленило“, како и поставување фотоволтаични системи на филтер-станицата и водните резервоари на ЈП „Водовод“ – Куманово.

– Која ќе биде избрана домашна комерцијална банка зависи од доставените понуди и секако ќе биде избрана онаа банка која ќе ги даде најповолните услови, со комплетниот амортизационен план, додаде Милковска.

Во текот на расправата беше појаснето дека висината на каматната стапка, рокот на отплата и месечните рати ќе бидат познати дури по прибирањето на понудите од банките.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 15-годишник од Куманово кој извршил низа кражби

– Колкава ќе биде каматата, колкав ќе биде рокот на отплатата и со каков амортизационен план ќе се сретнеме, тоа зависи од добиените понуди. Не можеме да расправаме за понуди од домашните банки затоа што првично треба да се донесе оваа предлог-одлука. Откако ќе ги добиеме сите понуди, тие ќе бидат предмет на разгледување и тогаш ќе се донесе конечната одлука за банката што ќе ја финансира Општина Куманово, истакна Милковска.

Во расправата, секретарот на општината Емилија Сларидис Јаневска појасни дека фотоволтаиците за пречистителната станица веќе се обезбедени преку друг проект финансиран од Европската комисија и швајцарска донација, додека со новото задолжување ќе се финансира поставување фотоволтаични системи на филтер-станицата и резервоарите за вода.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поскапува услугата за изнесувањето смет во Куманово

– Со ова задолжување ја намалуваме потрошувачката на електрична енергија на филтер-станицата и на резервоарите на „Бајрам Шабани“. Ќе останат единствено бунарите кај Митев Мост и Бедиње, каде што поради намената на земјиштето во моментов не може да се постават фотоволтаици, рече тој.

Инаку, градоначалникот Максим Димитриевски претходно најави дека Општината ќе го искористи законски дозволениот лимит за долгорочно задолжување за да обезбеди нова механизација за јавните претпријатија, бидејќи честите дефекти на постојните возила се една од главните причини за проблемите со собирањето на комуналниот отпад.

Според него, набавката на нова опрема е поисплатлива отколку постојаното сервисирање на старите камиони.

Никола Ивановски