Огромен пожар во популарно туристичко одморалиште во Доминиканската Република одзеде најмалку еден живот, а неколку други беа повредени. Околу 1.700 луѓе мораа да бидат евакуирани.
Шокантните снимки покажуваат густ чад што се издига од дел од хотелот Вива Доминикус Бајахибе во покраината Ла Алтаграсија во петокот.
Според соопштението на службата за итни случаи, 46-годишна Италијанка, Франческа Валентино, го загуби животот.
Три лица се пренесени во здравствени установи, додека уште шест се згрижени на лице место.
Меѓу погодените има гости на хотелот, посетители и членови на службите за итни случаи.
Одморалиштето, кое чини околу 350 долари за ноќ, е многу популарно кај американските туристи, од кои многумина се евакуирани.
Според прелиминарните наоди на Центарот за итни операции (COE), пожарот се проширил брзо поради запаливи делови од кровната конструкција направена од палмини лисја, како и временските услови и ветерот.
Пожарот беше ставен под контрола, но причината за пожарот сè уште не е утврдена и истрагата е во тек. Гостите беа привремено преместени во блиските хотели.
Хотелот „Вива Виндам Доминикус Палас“, кој припаѓа на истиот синџир, не претрпе никаква штета.
– Туристичките активности во Баџахибе и околината не се нарушени и продолжуваат безбедно и нормално – соопшти Советот за економија.
Службите за итни случаи брзо пристигнаа во одморалиштето, кое го управува Виндам Хотелис и Ризортс, бидејќи пламените јазици се ширеа неконтролирано.
Противпожарните екипи беа испратени веднаш по избувнувањето на пожарот, но властите изразија загриженост дека пожарот може да се прошири на блиските згради во комплексот.
Еден очевидец изјави на социјалните мрежи дека пожарникарите се соочуваат со големи тешкотии во гаснењето на пожарот.
– Иако противпожарните возила се веќе на терен, обемот на пожарот ги надминува достапните опреми и потребна е дополнителна поддршка од помоќни единици за целосно гаснење на пожарот – напиша тој.
Снимките покажуваат пламен како го зафаќа сламениот покрив додека пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот со водни млазници. Десетици луѓе се собраа во близина за да го гледаат пожарот како го зафаќа хотелот.
На официјалната веб-страница, хотелот е опишан како „рај за се вклучено“, опкружен со бели песочни плажи, со широк спектар на ресторани, музика во живо и спортски активности како што се пикбол, веслање и часови по трапез.
Одморалиштето се протега по должината на брегот и има голем базен веднаш до плажата. Во текот на последните неколку години, зградата претрпе обемна реконструкција.
Позната по кристално чистото море и белите песочни плажи, Доминиканската Република е водечка туристичка дестинација на Карибите, која ја посетија околу 5,6 милиони туристи во првите пет месеци од оваа година.
View this post on Instagram

