Министерството за внатрешни работи подготвува измени во законската регулатива со кои ќе се воведат дополнителни ограничувања и построги санкции за корисниците на електрични тротинети.
Предлог-решенијата ќе бидат доставени во Собранието преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека предложените измени се резултат на анализи и препораки подготвени од експерти и стручни служби во рамки на МВР.
Целта е, вели, да се намали бројот на сообраќајни незгоди и да се подобри безбедноста, особено кај помладите учесници во сообраќајот.
„Ќе одиме со заострување на казнената политика и на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите“, изјави Тошковски.
Според податоците со кои располага Министерството, најголем дел од сообраќајните несреќи во кои се инволвирани електрични тротинети се случуваат кај лица на возраст до 17 и 18 години.
Како најчести причини за незгодите се посочуваат некористењето заштитна кацига, прекршувањето на сообраќајните правила и превезувањето повеќе лица на еден тротинет.
Во рамки на законските измени се разгледува и можноста за зголемување на минималната возраст потребна за управување со електричен тротинет.
Според надлежните, оваа мерка би придонела за намалување на ризиците и за поголема заштита на младите учесници во сообраќајот.
Министерот нагласи дека безбедноста не зависи само од законските решенија, туку и од одговорното однесување на сите учесници во сообраќајот и почитувањето на важечките правила.
Никола Ивановски

