Во Занаетчискиот дом во Куманово денеска традиционално беа чествувани првенците на генерацијата од основните и средните училишта од општините Куманово и Старо Нагоричане.
Годинава признанија добија вкупно 32 ученици, од кои 29 првенци од основните и средните училишта во Општина Куманово и тројца ученици од Општина Старо Нагоричане.
Претседателката на Здружението на просветни работници, Анита Димовска, истакна дека целта на настанот е да се одбележи и прослави успехот на најдобрите ученици.
– И оваа година како и претходните учебни години Здружението на просветни работници Куманово со поддршка на Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане денеска ги чествува првенците на генерација од основните општински училишта од двете општини и од средните училишта од Општина Куманово. Годинава има истакнати 29 првенци на генерација од средните и основните општински училишта во Општина Куманово, додека од Општина Старо Нагоричане има три првенци, изјави Димовска.
Таа додаде дека изборот на првенец се врши според критериуми утврдени од самите училишта, а денешниот настан претставува можност јавно да се одбележи нивниот успех.
На учениците им се обрати и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој им честиташе за постигнатите резултати и им посака успех во понатамошното образование.
– Да им се заблагодарам на сите просветни работници коишто се вградија во оваа генерација на деца и ги изведоа тука каде што се, а особено на ученичките и учениците кои постигнаа такви резултати денеска да имаат чест да бидат прогласени за ученици на генерација. Не е едноставно да се биде првак бидејќи служите како пример за сите останати врсници во генерацијата и пошироко, рече Димитриевски.
Тој ги охрабри младите да продолжат со образованието и еден ден да бидат носители на развојот на градот и државата.
Меѓу наградените беше и Никола Додевски од ООУ „11 Октомври“, кој се заблагодари на наставниците за поддршката што ја добивал во текот на школувањето.
– За време на учебната година учествував на повеќе натпревари, без моите професори не можев тоа да го направам и затоа ја добив оваа награда. Сакам да се заблагодарам на своите професори, без нив ова немаше да се случи, изјави Додевски.
Тој додаде дека негови омилени предмети се хемијата и информатиката и дека образованието ќе го продолжи во ОСТУ „Наце Буѓони“.
Признанието за ученик на генерацијата во ООУ „Кочо Рацин“ го доби Софија Слатировска, која истакна дека зад успехот стојат долгогодишен труд и поддршка од семејството и наставниците.
– За оваа титула и за ова признание сум многу благодарна. Многу сум благодарна до сите мои ментори и професори, до директорката, до моето училиште што ми помагаа низ овие сите долги, интересни, тешки, напорни, но најзабавни години во мојот живот“, рече Слатировска.
Таа упати порака до идните генерации да бидат посветени и да вложуваат во своето знаење, додавајќи дека секој вложен труд на крајот се исплаќа.
Слатировска информираше дека средното образование ќе го продолжи во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, на математички смер во билингвална паралелка на англиски јазик.
Првенка на генерацијата во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ е Ива Додевска, која оцени дека признанието претставува и потврда за досегашниот труд, но и обврска за идните предизвици.
– Ова признание на нас многу ни значи затоа што на некој начин ова не е само потврда за она што досега е постигнато, туку и обврска и потсетник што допрва треба да постигнеме, изјави Додевска.
Таа додаде дека знаењето е највредното нешто што еден млад човек може да го вложи во себе и најави дека ќе студира општа медицина на Медицинскиот факултет.
На свеченоста учениците добија признанија за своите постигнувања, а организаторите порачаа дека нивниот успех претставува пример и поттик за идните генерации.
Првенци на генерација од средните училишта во Општина Куманово:
– Ива Додевска – СОУ Гимназија „Гоце Делчев“
– Мила Денчиќ и Блерона Бериша – СОУ „Перо Наков“
– Матеј Глигориевски – ОСТУ „Наце Буѓони“
– Фидан Ибраими – СОУ Гимназија „Сами Фрашери“
– Теа Велковска и Деа Сабедини – РЦСОО „Киро Бурназ“
Првенци на генерација од основните општински училишта во Куманово
– Михаил Додевски – ООУ „11 Октомври“
– Дрин Џемали – ООУ „Бајрам Шабани“
– Адеа Радончиќ – ООУ „Наим Фрашери“
– Петар Николовски- ООУ „Браќа Миладиновци“
– Уна Трајковска – ООУ „Крсте Мисирков“
– Јана Јовановска – ООУ „Вук Караџиќ“
– Софија Салтировска – ООУ „Кочо Рацин“
– Меланија Станковиќ и Арон Арифи – ООУ „Толи Зордумис“
– Ана Стевановиќ – ООУ „Христијан Карпош“
– Милан Краљевиќ – ООУ „Магдалена Антова“
– Арита Јашари – ООУ „Битолскиот Конгрес“ с. Лопате
– Лука Крстиќ – ООУ „Карпош“ с. Умин Дол
– Ангела Величковска – ООУ „Вера Которка“ с. Клечовце
– Мердијан Салихи – ООУ „Јероним Де Рада“ с. Черкези
– Андреј Гроздановски и Ајтен Миртезани – ООУ „Кирил и Методиј“ с. Романовце
– Милица Симоновски и Сумеја Клајќи – ООУ „Браќа Рибар“ с. Табановце
– Каја Поповска и Елона Ислами – УОМО „Панче Пешев“
Првенци од Општина Старо Нагоричане:
– Јована Андоновска – ООУ „Христијан Карпош“, с. Младо Нагоричане
– Тимотеј Крстевски – ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, с. Драгоманце
– Лана Стаменковиќ – ООУ „Светозар Марковиќ“, с. Старо Нагоричане
Настанот се организира секоја година во организација на Здружението на просветни работници – Куманово, со поддршка на Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане.
Никола Ивановски

