ЈП „Водовод“ започнува со замена на сливници на критичните локации во Куманово

Сподели со своите пријатели

По бројните забелешки од граѓаните и возачите за оштетените и дотраени сливни решетки, ЈП „Водовод“ Куманово започна акција за нивна замена на четири критични точки во градот.

Од претпријатието информираат дека со активностите ќе се подобри одведувањето на атмосферските води, ќе се намали бучавата од сообраќајот и ќе се зголеми безбедноста на улиците при врнежи.

Нови армирани улични сливници и сливни решетки ќе бидат поставени на улицата „Доне Божинов“ кај мостот до Споменикот Костурница, на „Народна Револуција“, на крстосницата меѓу улиците „Благој Богдански Гуцман“ и „Трета МУБ“, како и на улицата „Пионерска“ кај црквата „Св. Никола“.

Според директорот на ЈП „Водовод“, Игор Липковски, станува збор за прва поголема интервенција од ваков тип по повеќе од десет години.

„Не правиме само обична поправка, туку воведуваме нов стандард во работата. Новите сливници се изработуваат со челична арматура во нашиот погон, а бетонот зрее во контролирани услови за да се обезбеди максимална цврстина и издржливост“, изјави Липковски.

 

 

Од претпријатието посочуваат дека новите армирани лежишта ќе обезбедат подолг работен век на сливните решетки, ќе го намалат создавањето бучава при минување на возилата и ќе овозможат поефикасно прифаќање и одведување на дождовницата.

По завршувањето на работите на овие локации, акцијата ќе продолжи и на други делови од градот каде што е утврдена потреба од реконструкција на атмосферската канализациона инфраструктура.

Од ЈП „Водовод“ апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат поставената сигнализација додека траат градежните активности.

Никола Ивановски