Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека повикот на Литванија за напад врз Калининград „се граничи со лудило“.
„Оваа изјава е на работ на лудило“, рече Песков, коментирајќи ги зборовите на литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис дека НАТО наводно има „средства“ што би можел да ги искористи против руската воена инфраструктура во регионот Калининград, пренесува РИА Новости.
„Мораме да им покажеме на Русите дека можеме да ја пробиеме малата тврдина што ја изградиле во Калининград. НАТО има потребни средства за уништување на руските бази во енклавата“, рече Будрис во вторник.
Рускиот претседател Владимир Путин постојано предупредуваше дека евентуалната блокада на регионот Калининград би довела до „невидена ескалација“, како и дека сите закани за регионот ќе бидат уништени, пренесува Танјуг.
Советот на Федерацијата на Русија претходно изјави дека Москва нема да дозволи никому да му се заканува на Калининград или на Балтичкото Море и дека на секоја провокација ќе се одговори веднаш.
Калининград е најголемиот град и административен центар на Калининградската област, руска енклава помеѓу Полска и Литванија, која има излез на Балтичко Море.

