Со затоплувањето на времето и сѐ почестото користење на парковите и зелените површини, се зголемува и бројот на пациенти кои бараат лекарска помош поради каснување од крлеж, предупредуваат од Општата болница во Куманово.
Според лекарот Иван Аргиров, специјализант по општа хирургија, крлежите претставуваат паразити кои се хранат со крв од глодари, домашни животни и луѓе, но истовремено можат да бидат и преносители на инфективни заболувања.
„Не секое каснување од крлеж значи дека ќе дојде до инфекција, но постои ризик. Најчесто станува збор за бактерија од родот борелија, која може да предизвика лајмска болест, односно лајмска борелиоза“, изјави Аргиров.
Тој посочи дека засега во Куманово не се регистрирани случаи на лајмска болест, а најголем дел од пациентите доаѓаат во болница за стручно отстранување на крлежот.
По интервенцијата, пациентите добиваат дополнителни насоки и, доколку е потребно, се упатуваат на Инфективното одделение за понатамошно следење.
Аргиров апелира граѓаните да не се обидуваат сами да ги отстрануваат крлежите, иако, како што вели, на социјалните мрежи сѐ почесто се споделуваат совети за домашно отстранување.
„Наш совет е пациентите да побараат стручно медицинско лице. Ние го отстрануваме целиот крлеж, но често доаѓаат пациенти кои пробале сами да го извадат и дел од крлежот останал во кожата, па е потребна мала хируршка интервенција“, додава тој.
Според него, интервенцијата трае многу кратко, помалку од половина минута, но бројот на пациенти значително се зголемува во текот на потоплите месеци.
„Секое дежурство имаме по пет-шест пациенти со убод од крлеж. Сезоната трае додека има топло време, најчесто до средината или почетокот на октомври“, вели Аргиров.
Тој препорачува граѓаните при движење во природа да користат обележани патеки, да носат долга и светла облека за полесно забележување на крлежите и по враќањето дома внимателно да направат самопреглед.
„Особено треба да се проверат деловите од телото со повеќе влакна, како главата кај децата, зад ушите и вратот, но и местата каде што има преклопување на кожата, како пазувите и препоните, бидејќи таму најчесто се кријат крлежите“, предупредува Аргиров.
Никола Ивановски

