Делегацијата на Иран не отпатува во Пакистан на мировни преговори со САД, објави иранската државна телевизија, негирајќи ги извештаите на меѓународните медиуми за заминувањето на иранските претставници во Исламабад и закажаните датуми на разговорите меѓу САД и Иран.
Ниту експертите за прелиминарни преговори, ниту главната делегација не отпатуваа во пакистанската престолнина, објави иранското државно радио еден ден пред крајот на двонеделниот прекин на огнот.
Преговорите нема да се водат во сенка на „закани и кршење на договорите“
Функционерите на иранскиот режим нагласија дека преговорите нема да се водат во сенка на „закани и кршење на договорот“, објавија државните медиуми.
Втората рунда разговори со САД ќе зависи од тоа дали Вашингтон ќе го омекне својот став, додадоа медиумите, без да дадат дополнителни детали.
Главната точка на спор останува американската поморска блокада на иранските бродови и пристаништа.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа Truth Social дека ќе ја одржи блокадата додека не се постигне договор.
Според пакистански безбедносни извори, Техеран го условил своето учество во преговорите со укинување на блокадата.
Двонеделното примирје меѓу САД, Израел и Иран истекува во среда.
Во понеделник, Трамп за Блумберг изјави дека е „многу малку веројатно“ дека ќе го продолжи без да се постигне договор.

