Нови ПВЦ прозорци и значително подобрени услови за настава доби подрачното училиште на ООУ „Толи Зордумис“ во селото Режановце, преку заеднички проект на Општина Куманово и француската асоцијација АЛМА.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека иако проектот не е голем по финансиска вредност, неговото значење за учениците и заедницата е огромно.
– Со заедничка сила и средства донирани од нивна страна и дел од Општина Куманово успеавме да ги подобриме условите за учениците во ООУ „Толи Зордумис“, во подрачното училиште во село Режановце. Можеби ова е по вредност мал проект, но како гест е голем, на нас како град многу ни значи, особено што проектот го презентираме на 8ми Април, Меѓународниот ден на Ромите,“ изјави Димитриевски.

Тој додаде дека локалната самоуправа ќе продолжи да работи на подобрување на условите за сите граѓани.
– Во оваа прилика сакам на сите роми во Куманово, пошироко, цела Македонија и во светот да им го честтитам овој голем ден за ромската заедница и да ги уверам дека градот ќе работи на подобрување на животните услови и секојдневието на сите наши граѓани, тука вклучувајќи ги и граѓаните од ромската етничка заедница, додаде градоначалникот.

Претседателот на асоцијацијата Алзас Македонија – АЛМА од Франција, Жак Шлеф, нагласи дека соработката со Куманово има долгорочен карактер и опфаќа повеќе области.
– Ние веќе повеќе години работиме на различни форми на соработка и реализираме различни проекти во областа на културата, спортот, економијата и се надеваме дека овој пат ќе воспоставиме соработка и ќе продолжиме да работиме заедно со Куманово. Ние заеднички се вложивме во реализацијата на проектот заедно со здружението ДРОМ и со поддршка на Хабитат Македонија, за успешно да го реализираме проектот за подобрување на условите за работа во подрачното основно училиште во село Режановце, рече Шлеф.

Директорот на ООУ „Толи Зордумис“, Дејан Младеновски, информираше дека проектот е веќе реализиран и учениците веќе имаат подобри услови за престој и учење.
– Проектот е веќе завршен, прозорците се веќе поставени, останува уште некои детали да се додадат. Сакам да изразам огромна благодарност до организацијата и конзулот, затоа што со нивна помош ние денеска можеме да присуствуваме во затоплени простории и многу подобри услови за нашите вработени и нашите ученици, изјави Младеновски.

Во подрачното училиште во Режановце наставата ја посетуваат околу 30 ученици, а од раководството очекуваат зголемување на бројот на запишани ученици во наредната учебна година.
Никола Ивановски

