Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, денес оцени дека светот влезе во сериозна економска и енергетска криза.
„Сега кога светот сигурно го започна патот кон економска и енергетска криза, доста сериозна, чиј обем расте од ден на ден, пазарот и пазарните услови во енергетскиот сектор, секако, целосно се променија“, изјави Песков пред новинарите, коментирајќи ја ситуацијата во енергетскиот сектор, пренесува РИА Новости.
Тој нагласи дека енергетскиот пазар целосно се променил со оглед на глобалната ситуација и додаде дека светот веќе го започнал патот кон економска и енергетска криза, а тоа е доста сериозно.
Песков рече дека постои огромна глобална побарувачка за руски енергетски ресурси.
„Постои огромен број барања за купување наши енергетски ресурси од алтернативни извори“, рече тој.
Според него, нападот на украинските вооружени сили врз објектот на Конзорциумот за касписки гасовод во Новоросијск не е прв обид на Киев да го нападне тој објект.
„Очигледно е дека нападите се случиле. Тука, секако, примарен извор е нашата армија, која издаде соодветно соопштение. Знаеме дека ова не е прв пат режимот во Киев да ја напаѓа инфраструктурата на КТК. Овој важен меѓународен гасовод е оштетен неколку пати претходно“, рече Песков.

