Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) објави видео за кое тврди дека покажува како таргетира американски F-35A/B Lightning II на небото над Иран со ракета земја-воздух.
Снимката беше објавена по извештаите дека F-35 бил оштетен и принуден да слета во воздухопловна база на Блискиот Исток поради непријателски оган, открија за медиумите извори запознаени со инцидентот.
САД го потврдија инцидентот
Тим Хокинс, портпарол на Централната команда на САД, рече дека борбениот авион од петта генерација „вршел борбена мисија над Иран кога бил принуден да изврши итно слетување“.
„Авионот слета безбедно, а пилотот е во стабилна состојба. Овој инцидент е под истрага“, рече Хокинс.
Ова би бил прв пат Иран да собори американски авион во војната што започна кон крајот на февруари.
Во конфликтот, и САД и Израел користат авиони F-35, чија цена надминува 100 милиони долари.
Присилното слетување се случи и покрај тврдењата на високи американски претставници дека кампањата против Иран постигнува широк успех.
Ирански функционер: Ф-35 е симбол на воена ароганција
Претседателот на иранскиот парламент Галибаф коментираше за американскиот борбен авион Ф-35, опишувајќи го како симбол на воена супериорност и ароганција на Соединетите Американски Држави.
„Ф-35 не беше само борбен авион, туку и споменик на непобедливоста и ароганцијата на американската војска. Теолошки симбол за кој се тврдеше дека е невидлив за секое око и супериорен во однос на секоја сила; но Божјата рака е над нивната“, рече Галибаф.
„Тој симбол беше погоден за прв пат во светот, а ударот го зададе Бог. И тоа беше моментот на колапс на еден поредок“, заклучи тој.

