Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово беше домаќин на 15 ученици и двајца професори од Мешовито средно училиште Младост Тиват од Црна Гора, во рамки на вториот дел од проектот „Суперучилиште“.

Во текот на престојот во Куманово учениците учествуваа во повеќе активности насочени кон интеркултурен дијалог, надминување на предрасуди и стереотипи, како и подобрување на соработката меѓу младите од регионот.

Освен работилниците во училиштето, тие имаа можност да се запознаат и со културното и историското наследство на градот.
– Во текот на изминатата недела учениците имаа разновидна и богата програма. Освен тематските работилници поврзани со интеркултурниот дијалог меѓу младите и надминување на предрасудите и стереотипите, средношколците се запознаа со убавините и традицијата на нашиот град и околината, изјави Лидија Тасевска, наставник во СОУ Гимназија Гоце Делчев Куманово.

Во рамки на програмата беше организирана посета на мегалитската опсерваторија Кокино, разгледување на музејската поставка во Народен музеј Куманово, како и посета на ликовна изложба во Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово.

Дел од програмата беа и спортски активности преку кои учениците дополнително ја зајакнаа меѓусебната комуникација и тимската работа.
– Овој проект покажа дека образованието е клучно за позитивни промени.Учениците од Црна Гора и Македонија ги развија своите вештини за меѓукултурно разбирање и за меѓусебна доверба. Во слободното време стекнаа нови пријателства со своите врсници, додава Тасевска.

Проектот „Суперучилиште“, со тема „Глас на младите од Балканот“, е финансиран и поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (RYCO), а се реализира преку партнерска соработка меѓу двете училишта.

Координатори на проектот се наставниците Лидија Тасевска и Далибор Димковски.

Никола Ивановски

