За вечерва е закажан итен состанок на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Блискиот Исток по израелските и американските напади врз Иран и негова одмазда со напади врз Израел и другите земји во регионот, соопштија ОН.
На средбата, која ќе ја иницираат Франција и Бахреин, ќе се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток по воената операција што Вашингтон ја започна против Иран, се наведува во соопштението на Мисијата на Израел во ОН.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги осуди нападите на САД и Израел врз Иран, како и одмаздата на Исламската Република против Израел и другите земји во регионот.
„Употребата на сила од страна на Соединетите Американски Држави и Израел против Иран и последователната одмазда на Иран низ целиот регион го поткопуваат меѓународниот мир и безбедност“, рече Гутереш во изјавата.
Тој повика и на итен прекин на огнот и враќање на сите страни на преговарачка маса.
Израел и Соединетите Американски Држави го нападнаа Иран рано утринава, а американскиот претседател Доналд Трамп рече дека нападите се дел од големата операција чија цел е „иранската ракетна индустрија да се срамни со земја“.

