Најмалку четири лица беа убиени, а шест беа ранети кога глисер од Флорида влезе во кубански територијални води и отвори оган врз брод на кубанската крајбрежна стража, по што кубанските граничари возвратија на оган, соопшти кубанското Министерство за надворешни работи.
Четири од загинатите се членови на екипажот на глисерот, а уште шест патници се повредени, според соопштението.
Кубанската влада не ги прецизираше нивните националности, но потврди дека е започната истрага за разјаснување на инцидентот.
Дополнително, беше ранет и командантот на кубански граничен патролен брод.
Пукањето се случило на околу една наутичка милја од каналот Ел Пино во покраината Вила Клара, Куба, откако членови на кубанската крајбрежна стража се приближиле до глисерот за да го идентификуваат.
Конгресменката од Флорида, Марија Елвира Салазар, изјави дека ја следи ситуацијата и „чека дополнителни детали од американските власти“.
Главниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмаер, изјави дека ќе им наложи на локалните органи за спроведување на законот да го истражат инцидентот.
„На кубанската влада не може да ѝ се верува и ние ќе направиме сè што е во наша моќ да ги повикаме на одговорност овие комунисти“, рече Утмајер.
Инцидентот се случува во услови на зголемени тензии меѓу САД и Куба, која се соочува со продлабочување на нафтената криза, влошена од блокирањето на испораките на нафта од страна на САД до островот од Венецуела, долгогодишен сојузник во регионот.
Тензиите меѓу Вашингтон и Хавана се зголемија откако САД започнаа операција за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари, отстранувајќи еден од главните сојузници на Куба во регионот.
Службениците на американската администрација, предводени од државниот секретар Марко Рубио, син на кубански имигранти и цврст противник на комунистичката кубанска влада, вршат притисок за дополнителен притисок од Вашингтон врз Хавана во време кога САД ја покажуваат својата моќ низ Латинска Америка.
Во своето соопштение, кубанското Министерство за надворешни работи алудираше на овие тензии, наведувајќи дека „соочени со сегашните предизвици, Куба ја потврдува својата решеност да ги заштити своите територијални води“ и да го зачува својот суверенитет.

