По 22 години за прв пат зголемени цените за градинка во Куманово

Сподели со своите пријатели

По скоро 22 години, Општина Куманово одлучи за прв пат да ги покачи цените за престој на децата во градинка.

Вчера Советот на Општина Куманово со 23 гласа „за“ и шест „против“ го изгласа предлогот на Управниот одбор на Градинката „Ангел Шајче“ и цените ги покачи за 35%.

Односно ако досега за престој на детето во градинка се плаќало 1.490 денари, отсега цената ќе изнесува 2.011 денари.

Како што рече раководителот на Секторот за култура, спорт, социјална заштита и заштита на деца, Александар Крстевски, владата уште во 2022 година препорачала зголемување на цените.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Советот на Општина Куманово со препораки до УЈП за проблемот со двојно оданочување

Според Крстевски, ова е неопходно за да се задржат нивото на услугата која градинката ја пружа.

– Целта е да се подобар условите на градинките, да се направи подобар квалитет на услугата, одржливост на работата, подобри услови за престој на децата во градинката, рече Крстевски во образложението на одлуката.

 

 

Според директорката на градинката „Ангел Шајче“, Ивана Николиќ, 22 години цената не е променета, иако во меѓувреме е поскапено се, особено храната.

– Цените на енергенсите, храната посебно, комуналните услуги се е во пораст, а износот за надомест на градинка стои ист. За да обезбедиме квалитет на услугата за децата ова е нужно. Ова не е ненадејна наша одлука, вака постапија голем дел од градинките, ние само го следиме трендот и она што е неминовно да го направиме, појасни Николиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Нови семафори ќе добијат три крстосници во Куманово (ВИДЕО)

 

 

Како што вели таа во 2004 година минималната плата била само 5.000 денари, па родител кој имал две деца во градинка морал да издвои дури 50% од своите примања за нивниот престој.

– Со ова зголемување од 35% многу помало ќе биде тоа изложување на родителите, односно 5,7 проценти од минималните примања, вели директорката.

Родителите кои имаат близначиња, две или три деца во градинка ќе имаат попуст, појасни директорката, која додаде дека за 35% се зголемуваат и цените за програмите со појадок и ужина.

Никола Ивановски