Гимназијата „Гоце Делчев“ го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово денеска го одбележа 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, преку свечена приредба и културно-уметничка програма во која учествуваат ученици од различни јазични паралелки.

Настанот, кој од лани прераснува во училишна традиција, има за цел да ја истакне важноста на мајчиниот јазик како темел на идентитетот, но и како мост меѓу различните култури и заедници.

– Сметаме дека навистина е важен за една нација, посебно за едно училиште, плус за едно училиште во кое што има повеќе јазици. Во нашето училиште веќе неколку години има и српска прералка има и билингвална француска, а од лани веќе, односно од оваа година има и билингвална англиска паралелка. Решивме еве ние како училиште во кое што има повеќејазична настава да почнеме да го одржуваме тој тренд на давање на значење на јазиците коишто на разликуваат меѓутоа и не зближуваат, изјави наставничката по македонски јазик и литература Ангела Петковска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Психијатри ќе го вештачат убиецот од Челопек, сомневања дека имал и други убиства

 

 

Во рамки на програмата, учениците подготвија приредба со наставничките Петковска и Лидија Тасевска и се претставија со рецитали, музички точки и драматизации, а централно место има драмската претстава со наслов „Јазикот наш убав“, подготвена од ученици од прва година од билингвалната англиска настава.

На одбележувањето се поканети и ученици од други училишта каде што наставата се изведува на мајчин јазик различен од македонскиот, како и ученици од српските паралелки при гимназијата, кои ќе се претстават со свои точки на српски јазик.

Училишната галерија беше исполнета со ученици, наставници, гости и претставници на училиштата, а организаторите се надеваат дека оваа иницијатива ќе стане пример и за другите образовни установи низ државата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ракометарите на Куманово денеска против Еурофарм Пелистер

„Нашата цел е овој ден да се доживее не само како датум во календарот, туку како потсетник дека јазикот мора да се негува, почитува и пренесува на идните генерации“, истакнува Петковска.

Ученици од прва година под менторство на наставничката Петковска подготвија и претстава со наслов „Јазикот наш убав“.

– Мотото е „Нашиот јазик е нашата татковина“, односно зборовите на Блаже Конески, мислам дека тие зборови кажуваат се. Нашата татковина е оној јазик којшто го говориме ние, со кој живееме на еден простор со луѓе кои ни се блиски и драги со коишто учиме и нормално луѓе кои учат многу работи од нас, за нашата традиција, нашите обичаи, нашата националност, сите наши вредности, се што е убаво наше како народ да го негуваме и цениме и да продолжиме да го покажуваме на идните генерации, сите вредности, а мислам дека еден од тие начини е оваа приредба, истакна Петковска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Викенд прогноза за Куманово: Студено и ветровито

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува секоја година на 21 февруари, а е прогласен од Обединетите нации (UNESCO) во 1999 година.

Целта е да се поттикне јазичната и културната разновидност, како и сочувување на исчезнати и малцински јазици ширум светот.

Според UNESCO, повеќе од 40% од светските јазици се под ризик да исчезнат во следните неколку генерации, што го прави денот особено значаен за зачувување на културното наследство.

Никола Ивановски