Илина Арсовска, ученичка на кумановската Гимназија „Гоце Делчев“ по втор пат ќе ја претставува Македонија на Европската женска математичка олимпијада.
Арсовска, која е трета година, ќе се натпреварува годинава во Бордо, Франција во конкуренција од ученици од 50 држави.
– Со задоволство би сакала да ги претставам и училиштето и државата и се надевам дека ќе се вратам со успешни резултати. Во тимот имаме четири ученички од цела Македонија и заеднички ќе се бориме за награда, но индивидуално се натпреваруваме, изјави таа.
Ова ќе биде второ учество на Арсовска, која и минатата година зеде учество на овој престижен натпревар.
Таа ја негува љубовта кон математиката уште од основно училиште, а првиот натпревар на кој учествувала бил во трето одделение. Од тогаш, континуирано се докажува на математичките натпревари.
Нејзиниот пат до Олимпијадата започнува од локалните натпревари – најпрвин на општинско ниво, а потоа на регионалниот натпревар, од каде што се квалификува за државниот.
Успешниот настап на македонската математичка олимпијада ѝ овозможи учество на меморијалниот натпревар „Александар Блажевски – Цане“, кој воедно претставуваше и квалификација за претстојната Олимпијада.
Никола Ивановски

