Дваесет и тригодишниот кикбоксер и тренер на КБК „Victory“ од Куманово, Леонид Павловски, во периодот од јануари до февруари престојува на подготовки во КБК „Warrior“ во Нови Сад, каде тренира под водство на реномираниот тренер Зоран Бачулов.
Павловски со кикбоксот се занимава уште од најрана возраст, а неговата посветеност и амбиција го водат по патот на постојано надградување.
Од Куманово до Нови Сад, од салата на КБК „Victory“ до тренинг-центарот на КБК „Warrior“, кој важи за клуб со светско реноме и бројни меѓународни успеси, младиот спортист ја продолжува својата мисија за личен и спортски напредок.
– Овој месец дена се предизвик за мене, за кој вреди да се вложи труд и работа за да донесам нови вештини во нашиот град и да го подигнеме кикбоксот на повисоко ниво. Да ја вратиме љубовта кон тренинзите и да го вратиме спортот, истакнува Павловски.

Како активен борец, но и тренер, неговата цел е паралелно да се развива на двете полиња и стекнатото искуство да го пренесе на своите ученици во Куманово.
– Јас како борец и тренер имам за цел на двете полиња да се надоградам и да успеам трудот кој ќе го вложам во себе да го пренесам и на другите, додава тој.
Сепак, Павловски посочува и на еден од клучните проблеми со кои се соочуваат спортистите – недостатокот на финансиска поддршка.
– Ова го правам сам, без спонзори, што за жал е еден голем проблем зашто како за мене така и за другите, спонзорствата се од голема помош. Се надевам дека ќе има некој кој би сакал да вложи во КБК „Victory“ за да можеме сите полесно да напредуваме, вели Павловски.
Никола Ивановски

