На Детското одделение при Општата болница во Куманово во моментов се хоспитализирани 35 деца, а најголемиот дел од нив се со симптоми на настинка и грип, информира началничката на одделението, докторката Маргица Арсовска.
Како што посочи таа, најмалиот пациент е доенче старо само три недели, а има и потешки случаи.
– Најмалото пациентче ни е доенче на возраст од три недели, две имаме потешко болни деца, едно е на кислородна терапија другите се стабилни и се надевам дека во побрзо време пред Нова година ќе си бидат во своите домови, рече Арсовска.
Според неа, значително е зголемен и бројот на дневни прегледи, односно околу 80 дечиња на ден.
Дополнителен притисок врз одделението се чувствува и поради зголеменото присуство на сограѓани кои живеат и работат во странство, а за празниците се враќаат во Куманово.
Докторката Арсовска упати и апел до родителите за време на празничните денови, со цел да се заштити здравјето на најмалите.
– Совет за најмалите да не се изложуваат значи да се избегнува поголемо собирање на поголема група за најмалите за пациентчиња да се задржуваат на здрава храна и исхрана, рече таа.
Особено важно, според неа, е болните деца да не се носат во градинките и училиштата.
– Доколку се настинати болни со симптоми на настинка, грип, температури или кашлица да не посетуваат градинка затоа што во моментот се актуелни респираторно инфекции преносливи по капков пат така да значи најбрзо се шират во вакви колективи, истакна Арсовска.
Од Детското одделение апелираат родителите да покажат одговорност и солидарност, со цел да се спречи понатамошно ширење на респираторните инфекции во овој период.
Никола Ивановски

