Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против екс министерот Оливер Спасовски под сомнение за злоупотреба на службена положба.
– На 09.12.2025 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против О.С. (49) од Куманово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.4 во врска со ст.1 од КЗ, информираат од Министерството.
Како што стои во соопштението, О.С. додека ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект- технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари.
– О.С. делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог, доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи, велат од МВР.
Истиот, како што се додава, иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл.65 ст.3 од Законот за возила и чл.5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила.
Никола Ивановски

