Романските власти денес објавија дека имало два нови упади на беспилотни летала во националниот воздушен простор на земјата и дека како резултат на тоа биле распоредени неколку борбени авиони, по ноќта на големи руски воздушни напади во соседна Украина.
Првиот дрон „го преминал националниот воздушен простор“ од Валкове во Украина кон областа Килија Века во округот Тулча на југоистокот на Романија, објави Министерството за одбрана, додавајќи дека „два германски авиони „Еурофајтер Тајфун“ биле испратени од воздухопловната база Михаил Когалничан за да ја следат ситуацијата“ околу 6:30 часот утрово.
Уште два борбени авиони полетале околу 20 минути подоцна од воздухопловната база Борча, а вториот упад со беспилотно летало бил откриен од радарските системи во романскиот воздушен простор во регионот Галац, додаде Министерството, прецизирајќи дека ја следи ситуацијата.
Соседна Молдавија, исто така, го пријавила упадот на дронот „Шахед“ на нејзина територија рано утрово, се вели во соопштението на граничната полиција.
„Беспилотното летало е забележано како се движи кон Виноградовац – Вулканешти, а потоа кон границата со Романија“, која ја преминало, изјави граничната полиција, додавајќи дека веднаш ја информирале романската страна.
Минатата недела, Романија мобилизираше четири борбени авиони поради упад со беспилотни летала.

