Планот од 28 точки за прекин на војната во Украина треба безусловно да биде поддржан од сите европски политичари, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Тој план претставува голема шанса за прекин на војната. Сепак, некои лидери од Западна Европа се обидуваат да го блокираат. Нашата позиција е јасна: секој европски политичар е должен безусловно и целосно да го поддржи овој план, бидејќи тој претставува разумен и хуман избор“, напиша Сијарто на својот профил на платформата X.
Делегациите од Украина, САД и европските земји вчера во Женева разговараа за американскиот план од 28 точки за прекин на војната во Украина, откако Киев и неговите сојузници изразија незадоволство од делови од предложениот план што вклучуваат големи отстапки кон Русија.
Делегациите од Украина, САД и европските земји вчера во Женева разговараа за американскиот план од 28 точки за прекин на војната во Украина, откако Киев и неговите сојузници изразија незадоволство од делови од предложениот план што вклучуваат големи отстапки кон Русија.
Во меѓувреме, се појави и европски контрапредлог подготвен од Велика Британија, Франција и Германија.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес изјави дека разговорите на претставниците на Соединетите Американски Држави и Украина во Женева за промена на планот доведоа до „решителен успех“ за Европа.
„Сите прашања што се однесуваат на Европа, вклучително и оние што се однесуваат на НАТО, се отстранети од овој план, што е клучен успех што го постигнавме вчера“, рече Вадефул.
По разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, финскиот претседател Александар Стуб изјави дека преговорите во Женева се чекор кон праведен и траен мир, оценувајќи дека е јасно дека Европа и НАТО ќе одлучуваат за прашања што ги засегаат.
Европскиот предлог за завршување на војната во Украина го зема американскиот план како основа, но потоа го анализира точка по точка со предложени измени и бришења на одредени делови.
Меѓу другото, големината на украинската армија е ограничена на 800.000 членови во мирновременски услови.
Покрај тоа, САД даваат гаранција што го одразува Член 5 од НАТО, според кој сите членки на Алијансата имаат обврска да одговорат доколку една од членките биде нападната.
Точката 21 ја обврзува Украина да не се обидува да ја врати окупираната суверена територија со сила и да започне преговори за територијална размена од линијата на контакт.

