Градинката „Ангел Шајче“ од Куманово најавува нова фаза на проширување и унапредување на условите за престој на децата, при што во фокусот се најновите објекти – детските установи лоцирани кај Гимназијата „Гоце Делчев“ и кај Зелениот пазар.
Директорката Ивана Николиќ објаснува дека овие два објекти се првите целосно изградени во поновата генерација на градинки, а веќе се подготвуваат планови за нивна реконструкција и дополнително опремување.
– Тоа се наши први изградени објекти и во тек е изготовка на планови за реконструкција во соработка со „Куманово план“ со којшто склучивме пред некое време договор за соработка. Во изготвување се планови за реконструкција кога ќе бидат изготвени тие планови ние се надеваме дека ќе наидеме да разбирање од Општината, Министерството, Владата и останатите засегнати страни. Тоа се проекти со коишто ние ќе можеме да аплицираме секаде онаму каде што ќе има јавни повици од тој тип, појасни Николиќ.
Во плановите за инвестициски зафати, како што истакна директорката, е изградба на потпорен ѕид на објектот лоциран во населбата Гоце Делчев.
– Иако е релативно нов објект, објектот којшто се наоѓа во населба Гоце Делчев се наоѓа на такво подрачје и во тек е изготовка на проектна документација за потпорни ѕидови. Тоа е основата којашто мора да ја запазиме за да одиме понатаму, што и да биде направено како и да биде направено прво и основно нешто мора да биде решено тоа, изјави Николиќ.
Една од идеите на директорката, е користење на постоечки маркици за градба за да се прошират веќе постоечките објекти на клоновите.
– Јас како директор најдов едно решение коешто можеби нема да оди толку брзо, но релативно побрзо во однос на онаа што се однесува на градење на нови објекти, а тоа е користење на постоечките маркици за градба коишто ги имаме на постоечките објекти и секаде онаму каде што најдовме простор во маркицата каде изградениот објект дозволува доградба тоа ќе биде искористено, појасни таа.
Како што додава, тие идеи допрва треба да се разгледаат, и да се одлучи за каков тип на доградба ќе станува збор, но потенцира дека секогаш ќе се води грижа за безбедноста на децата.
Моменталниот капацитет на установата „Ангел Шајче“ е 1.550 деца, но запишени се 1.820, со оглед дека дневно присутни се околу 1.100 до 1.200 деца и никогаш не се надминува капацитетот. На листата на чекање моментално има 144 дечиња.
Никола Ивановски

