Пет медали за КБК „Предатор“ на Интернационален Куп во Хрватска

Сподели со своите пријатели

Кик бокс клубот „Предатор“ од Куманово освои вкупно пет медали на престижниот Интернационален кикбокс куп „Кутина Опен“ во Хрватска, кој оваа година се одржа по 26-ти пат и собра над 900 борци од 92 клуба од целиот свет.

Златен медал освои Наум Милановски во јуниорска категорија до 79 килограми, кој ги победи сите три противници уште во првата рунда и ја оправда својата репутација и прекарот „Golden Eagle“.

Од клубот велат дека се презадоволни од неговиот настап, нагласувајќи дека Милановски цела година носи злато за клубот и градот Куманово.

Сребрен медал освои Никола Николовски во категорија до 84 килограми.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Вечерва се отвора изложбата „Кумановски ликовни умеетници 2025“

Николовски доминираше во првата борба, но во втората загуби со минимална разлика, во натпревар кој се решаваше во нијанси.

 

 

Бронзени медали освоија Димитар Давитковски, Данило Методиевски и Максим Божиновски.

Давитковски ја водеше својата борба во првите две рунди, но во третата противникот успеа да ја преземе предноста.

Божиновски настапи во кадетска почетничка категорија до 57 килограми, а потоа и во регуларна кадетска категорија, каде изгуби од поискусен борец од Хрватска.

Методиевски пак, освои бронза во јуниорска категорија до 71 килограм и најави дека ќе продолжи со напорни тренинзи за подобри резултати.

Без медал, но со стекнато искуство, се врати Марио Радевски, кој победи една борба во кадетска почетничка категорија до 63 килограми, но не успеа да се пласира во полуфинале.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тројца приведени во Куманово, го нарушиле јавниот ред и мир, оштетно и возило

Тренерот на клубот, Јован Крстевски, истакнаа дека ова им е второ учество на Купот „Кутина Опен“, а со освоените пет медали клубот е рангиран на 44-то место.

Според раководството, по успешниот настап, турнирот ќе биде вклучен како редовен дел од натпреварувачкиот календар на клубот.

Никола Ивановски