Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека воведува програма за бесплатни километри на железницата и ограничување на цените на енергијата за да им помогне на граѓаните во пресрет на зимата.
„Три илјади километри, за секој да може бесплатно да избере железнички линии во Украина: Лавов-Киев, Киев-Днепар и која било друга [рута]“, рече Зеленски во дневна видео порака во саботата, додавајќи дека деталите за програмата сè уште се разработуваат.
Тој рече дека железниците треба да им покажат на граѓаните на Украина дека буџетските средства доделени на ова државно претпријатие се навистина во служба на општеството.
Владата, исто така, ќе развие програма за ублажување на зимските трошоци, слична на минатогодишната во која 14 милиони Украинци добија нешто повеќе од 20 евра помош.
„Дефинитивно ќе ја ограничиме цената на гасот оваа зима, нема да има зголемување, како и цената на електричната енергија за приватните домаќинства“, вети претседателот.
Цената на киловат-час електрична енергија во моментов е малку помала од 0,09 евра.
По руските напади со беспилотни летала и ракети врз електрани и трафостаници во текот на изминатата недела, електричната енергија е достапна само неколку часа на ден во големи делови од земјата.
Дури и пред руската инвазија, која трае од февруари 2022 година, Украина беше најсиромашната земја во Европа во однос на приходот по глава на жител, според пресметките на Меѓународниот монетарен фонд.
Речиси половина од украинскиот државен буџет се финансира од странски заеми и средства за помош.

