Некогашниот шампион ЖРК Куманово остана без место во Суперлигата

Сподели со своите пријатели

Женската ракометна сцена во Македонија останува без еден од клубовите со најголема традиција. ЖРК Куманово нема да настапува во новата сезона од Супер женската ракометна лига, откако финансиските тешкотии со кои клубот се соочуваше подолг период не успеаја да бидат надминати.

Во изминатиот период постоеја обиди да се најде решение со кое кумановскиот клуб би продолжил да се натпреварува меѓу најдобрите, но преговорите и напорите за стабилизирање на состојбата не дадоа резултат. Со тоа, Куманово го загуби статусот на суперлигаш.

„Ракометната федерација на Македонија информира дека, согласно член 23 од Пропозициите за натпреварување во Супер женската ракометна лига, екипата на ЖРК Куманово се исклучува од натпреварувањето во Супер женската ракометна лига“, се наведува во соопштението.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Малолетник нападнат во Куманово

Испразнетото место во елитното натпреварување ќе го пополни Деспина. Од РФМ посочуваат дека одлуката е донесена врз основа на пласманот од претходната натпреварувачка сезона.

За Куманово, исклучувањето претставува тежок удар, особено ако се има предвид историјата на клубот.

ЖРК Куманово во своето постоење успеа да стигне до шампионската титула во домашното првенство и да го освои Купот на Македонија, а клубот со години беше дел од највисокиот ранг на женскиот ракомет.

Сепак, финансиската нестабилност на крајот се покажа како преголема пречка за продолжување на натпреварувањето во Суперлигата.

Така, Куманово во новата сезона ќе биде надвор од елитното друштво, и покрај фактот што минатата година беше единствениот прволигаш во градот кој играше плеј-оф.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поради сообраќајка затворен патот Крива Паланка - Куманово

Никола Ивановски