Клубот Куманово Скелетонс на 9ти ноември го организира првиот турнир во флег фудбал на македонско тло.
Стадионот „Млади Лавови“ во Ѓорче Петров, Скопје, ќе биде домаќин на првите официјални натпревари од ваков вид во Македонија.
Настанот, кој ќе трае од 12 до 16 часот, е во организација на клубот Куманово Скелетонс — единствениот активен флег фудбал тим во државата и носител на историското второ место од минатата сезона во српската Прва флег фудбал лига.
Турнирот ќе биде дел од третото коло на Првата флег фудбал лига на Србија и ќе понуди шест возбудливи натпревари со учество на екипи од Србија и Македонија: Куманово Скелетонс, Инџија Индијанс, Краљево Ројал Краунс, Обреновац Хокс, Суботица Горилас и Сремска Митровица Легионари.
Публиката ќе може да ужива во комбинација од спорт, музика, DJ сет и добра храна — сè во духот на спортското пријателство и тимската енергија.
Настанот е со слободен влез, а благодарност за поддршката организаторите упатија до Општина Ѓорче Петров, која го овозможи користењето на стадионот „Млади Лавови“.
Главната цел на Куманово Скелетонс е развивање и популаризација на американскиот фудбал во Македонија.
Иако засега постои само еден активен тим, клубот веќе работи на идејата за формирање на национална флег фудбал лига, која би започнала штом се создадат уште неколку клубови низ земјата.
Во иднина, Скелетонс планираат да основаат и женски и детски тим, со цел спортот да биде достапен за сите возрасти и категории.
„Ова не е само турнир, ова е почеток на нешто големо. Сакаме луѓето да го видат флег фудбалот, да се заинтересираат, и еден ден да имаме вистинска македонска лига,“ велат од клубот Куманово Скелетонс.
Никола Ивановски

