Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, денес предупреди дека властите не можат да гарантираат безбеден премин и лет за рускиот претседател Владимир Путин на пат кон Будимпешта, бидејќи полската влада не може да гарантира дека принудното слетување на авионот нема да биде наредено од независен полски суд.
„Не сме во можност да гарантираме дека независен суд нема да ѝ наложи на владата да го запре тој авион, да го однесе осомничениот во Меѓународниот кривичен суд во Хаг“, изјави Шикорски за Полското радио.
Полскиот министер за надворешни работи потсети дека во Хаг е издадена потерница за рускиот претседател, кој од тој суд беше осомничен за воени злосторства во Украина, и дека од овој февруари забраната за летови за руски авиони важи на целата територија на Европската Унија (ЕУ).
„Тој може да лета од Русија до Унгарија преку Турција, Црна Гора и Србија. Фактот дека членка на ЕУ која е обврзана од Меѓународниот кривичен суд во Хаг го поканува претседателот Путин да ја посети не само што предизвикува згрозување, туку покажува колку Унгарија се става во позиција, не дека е дел од Западот, туку помеѓу Западот и Русија“, рече Сикорски.
Се очекува рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп наскоро да се сретнат во Будимпешта за да разговараат за прекинување на војната во Украина.
Претходниот самит на двајцата државници во Алјаска не донесе никакви плодови, туку, напротив, руската офанзива во Украина се интензивираше.