Белгија ќе испраќа затвореници на Балканот поради пренатрупаност на своите затвори?

Сподели со своите пријатели

Белгиската влада ја разгледува можноста за изградба или изнајмување затвори во странство, евентуално во Косово или во Албанија, со цел да се реши проблемот со пренатрупаноста во локалните затвори, според „Брисел тајмс“.

Министерката за правда, Анелиз Верлинден, и министерката за миграција, Анелиз ван Босит, започнаа тридневна мисија во Косово и во Албанија за да ја проценат политичката подготвеност за прием на белгиски затвореници и зајакнување на соработката во борбата против организираниот криминал, пишува бриселскиот весник.

За време на посетата на Балканот, се очекува да се потпише декларација за намера за споделување на конфискуван имот стекнат преку криминални активности, вклучително и средства запленети како дел од истрагите за шифрирана комуникација „SKY ECC“, според текстот на белгискиот весник.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Баварската полиција доби овластување да соборува дронови што ја загрозуваат безбедноста

Белгискиот затворски систем во моментов има повеќе од 13.000 затвореници, додека капацитетот е околу 11.000 места, а околу една третина од затворската популација се состои од странци без дозвола за престој, што е околу 4.400 лица.

Белгиската влада смета дека преместувањето на некои затвореници во странство би можело да го намали притисокот врз затворскиот систем.

Планот се потпира на данскиот модел од 2021 година, според кој Данска издава под закуп затворски објекти во Косово, но белгиските власти признаваат дека сличен проект би барал неколку години подготовка и значителни финансиски средства, објаснува весникот.

Според студијата на белгискиот комесар за бегалци, Косово и Албанија се единствените територии надвор од ЕУ кои, како што се тврди, „ги исполнуваат условите за евентуално воспоставување затворски капацитети – почитување на владеењето на правото и човековите права“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трагедија во Мадрид: Зграда се урна за време на реновирање, четворица мртви

Иако белгиската влада тврди дека преместувањето на странски затвореници би придонело за олеснување на системот, анализите покажуваат дека таквата мерка би можела да вклучи максимум околу два проценти од вкупната затворска популација, заклучува „Брисел тајмс“ и додава дека, засега, мисијата на министерот има исклучиво истражен карактер.