Општина Куманово ќе добие три нови градинки, нови детски катчиња и зони за игра во секоја месна заедница, како и дневен центар за дружење и едукација на најмладите.
Овие проекти се дел од програмата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, со која се најавува поголема грижа, поддршка и инвестирање во децата и нивното образование.
„Децата се нашето најголемо богатство. Општина што е посветена на децата е општина што го гради своето утре со љубов, посветеност и одговорност. Затоа, Општина Куманово ќе продолжи да обезбедува сигурно, здраво и поттикнувачко опкружување, каде секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, спорт, култура и можност за безгрижно детство,“ изјави Сара Каревска, кандидат за советник на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Каревска потенцира дека токму децата се основата на секоја современа општина и најсилниот мотив за создавање подобро општество.
„Тие се нашата иднина и најубавата причина да се бориме за подобро утре. Со вложување во децата, вложуваме во поефикасно, похумано и посилно Куманово, град што расте заедно со нивните соништа и успеси,“ рече таа.
Во рамки на проектите што ги најави Движењето ЗНАМ, предвидена е изградба на три нови градинки – во населбите Зелен Рид, Бајрам Шабани и Карпош, како и реконструкција и проширување на постојните детски установи со современи услови за престој и учење.
Ќе се вложува во стручно усовршување на воспитувачите, како и во уредување на дворовите со нова опрема и реквизити.
Каревска истакна дека програмата предвидува и нови катчиња за игра и рекреација во секоја месна заедница, дневен центар за дружење и едукација, како и театар и културен фестивал за деца на отворено, кои ќе го поттикнуваат нивниот развој, талент и креативност.
„Грижата за децата не е само обврска, тоа е чест и должност на секоја современа општина. А тоа значи: безбедни улици, градинки и училишта, простори за игра, култура и спорт, активности што ќе ги охрабрат да сонуваат и создаваат. Општина која е посветена на децата е општина што ја сака иднината. Зашто само кога вложуваме во нив, ние навистина градиме трајни темели на подобро, похумано и посреќно општество,“ порача Каревска.
Никола Ивановски