Од автоделови и велосипеди, до кафе и облека, ова е листата на запленети предмети во текот на изминатата недела од цариниците на ГП Табановце.
Ккао што информираат денеска од Царинската управа на Македонија, вкупно 23 делови за возила биле откриени во два одвоени случаи од страна на Службата за мобилни скенери, при контрола на две возила пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
– Во првиот случај, царинските службеници реагирале кога забележале лице кое се обидувало да префрли 4 употребувани гуми и 4 употребувани алуминиумски бандажи за патничко возило преку оградата на терминалот за стоково царинење, велат од Царина.
Во вториот случај, како што стои во соопштението, при контрола со мобилен скенер на камион со македонски влекач и холандска приколка биле забележани неправилности во преградите за алат на влекачот.
– При извршена физичка контрола биле пронајдени 4 употребувани вентилатори со мотор за испарувач за ладилник за товарно возило и 11 нови ремени за затегнување на товар, посочуваат од ЦУ.
Скоро 40 килограми кафе исто така биле запленети на Граничниот премин Табановце.
– При контрола на автобус на влез во државата на граничниот премин Табановце се откриени 39.5 килограми кафе и тоа 36 пакувања по 1 килограм од типот Gourmet by Tobia и 14 пакувања по 250 грама од типот Miscela cremosa, информираат од Царина.
– Во автобус на граничниот премин Табановце пријавен за влез во држвата во две најлоснки ќеси кои биле сместени под патничките седишта, откриени се 44 кружни ножеви за циркуларна пила, стои во соопштението.
Меѓу запленетите предмети се и 69 парчиња облека (дуксери, панталони, маици, фармерки и долни тренерки). Како што соопштуваат надлежните, тие биле откриени при контрола со скенер на камион откако биле забележани неправилности во кабината, во пределот на горниот кревет.
Во багажникот на автомобил кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце пронајдени биле 2 употребувани велосипеди марка Cube.
Никола Ивановски