Русија официјално ја призна владата на Талибанците во Авганистан, потврди Замир Кабулов, специјален претставник на претседателот Владимир Путин за Авганистан, за агенцијата РИА Новости.
Ова е прв пат една земја формално да ги признае Талибанците откако ја презедоа власта во Кабул во август 2021 година, по повлекувањето на странските трупи.
Одлуката на Москва ја потврди Министерството за надворешни работи на Авганистан.
Според извештаите, рускиот амбасадор во Кабул, Дмитриј Жирнов, му ја пренел одлуката на руската влада на министерот за надворешни работи на Талибанците, Амир Кан Мутаки.
Авганистанската страна го опишува овој чин како „историски чекор“ кон зајакнување на билатералните односи.
„Со овој чекор, билатералните односи меѓу двете земји дополнително ќе се прошират“, објави Министерството, пренесува Анадолија.
Мутаки изрази надеж дека признавањето од страна на Русија ќе доведе до поинтензивна соработка.
Амбасадорот Жирнов изјави за државната телевизија Росија-1 дека одлуката е донесена по предлог на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и одобрена од претседателот Путин.
„Тоа ја покажува искрената желба на Русија да воспостави целосно партнерство со Авганистан“, рече Жирнов.
Иако досега ниту една членка на Обединетите нации не ја признала администрацијата на Талибанците, неколку земји – вклучувајќи ја и Кина – прифатија дипломати назначени од режимот. Кина го испрати својот претставник во Кабул во септември 2023 година.
И покрај овој потег на Русија, Авганистан сè уште поминува низ длабока економска криза.
Соединетите Американски Држави продолжуваат да замрзнуваат околу седум милијарди долари од авганистанските девизни резерви.