Детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово се соочува со голем интерес од страна на родителите за згрижување на нивните деца, поради што управата побарала согласност од Општина Куманово за зголемување на капацитетот.
– Интересот е голем. Капацитетот на нашата градинка е 1.174 деца, но бидејќи имаме преадаптација на просторот, максимален број 1.550 што можеме да ги примиме во моментот. Меѓутоа, поради зголемен број на пријави и интерес на родителите, за да излеземе во пресрет на родителите и децата, побарана е согласност од Општина Куманово за зголемен капацитет на децата, изјави директорката Наташа Ќосовиќ Томовска.
Одлуката е базирана врз основа на досегашните статистики и анализа на бројките, посочува директорката.
– Се водевме спрема статистика и аналитички податоци што ги имавме од минатиот период. Беа запишувани некаде над 1.700 деца, но дневна присутност на деца го исполнува постоечкиот капацитет. Така да, на таа основа се држиме до тие наши податоци, да можеме да запишеме што поголем број на деца, вели таа.
При запишувањето, строго се почитуваат здравствените протоколи. Таа упати апел до реодителите при упис на децата да ги прочитаат убаво договорите во кои јасно се дадени насоките што теба да подготват за упис на нивното дете. Додава дека без вакцинален картон нема упис.
– Реакцијата кај родителите… еве кога ќе дојде да ги запишат децата, ќе им побарате вакцинален картон, а го немаат тоа се многу ретки случаеви. Најчесто тоа се деца што имаат здравствени проблеми и ги упатуваме кај докторката. Ние не сме тука да даваме некои наоди, не сме компетентни за таа состојба, појаснува директорката.
Што се однесува до моменталната состојба, градинката веќе направила прием на нови деца, а родителите ќе бидат дополнително информирани.
– Денеска имавме средба со раководители, направивме прием, родителите ќе бидат известени. Се водиме од нашата анализа бидејќи имавме над 360 деца миниматуранти кои ги испраќаме во училиште, но не се отпишуваат сите. Значи остануваат во школски групи и на основа на таа бројка од 360, ние запишавме околу 238 деца, изјави Ќосовиќ Томовска.
Нов прием ќе следи во август, поради школските групи, бидејќи како што вели директорката, бројката варира.
Градинката „Ангел Шајче“ има 62 групи на деца во 10 објекти од кои осум градинки и два центри за ран детски развој.
Во овој момент како што појасни директорката, се прават напори да се обезбедат нови просторни услови во поддршка со Општина Куманово.
Истовремено, продолжува проверката и ажурирањето на списокот со деца кои се пријавени, но не се редовно присутни.
Листа на чекање, вели таа, сигурно ќе има повтрно, а огромниот интерес вели треба да биде показател дека се потребни нови градинки.
Децата кои се запишале, а неоправдано повеќе од три месеци нема да доаѓаат ќе се соочат со автоматско раскинување на договорите.
Никола Ивановски