Потпреседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Весна Бендевска на денешната прес конференција рече дека со чувство на искрена загриженост, денеска од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија упатуваат јавна препорака на збунетото раководство на СДСМ:
„Итно поставете редари пред вашите општински штабови. Не заради безбедност, туку за да може некако да се среди „хаосот“ од гужвите кои настанале откако, наводно, членство на ЗНАМ масовно се враќало кај вас, според ваше тврдење“, рече Бендевска.
„Разбираме дека СДСМ влегува во фаза на политичко самозалажување – позната и како фаза на „предизборна фантазија“ – ама барем синхронизирајте го политичкиот маркетинг со реалноста на терен. Ако тврдите дека членовите на ЗНАМ се враќаат кај вас, тогаш зошто сите ваши штабови низ државата изгледаат како музеи на политичка археоплогија – затворени, запрашени, заборавени?
Фотографиите кои ги прикажуваме во прилог ќе ви помогнат да се потсетите каде ви се наоѓаат штабовите, оти на овие фотографии се забележува дека нема живо пиле“, објасни таа и пред новинарите и на јавноста ги покажа фотографиите од штабовите на СДСМ во повеќе градови на државата каде се забележува дека со месеци нема активност, обраснато во трева, нечисто.
„Членството на ЗНАМ е стабилно, мотивирано и решено да изградиме нов политички субјект, кој за разлика од СДСМ ќе функционира чесно и ефикасно. Со почит кон секого и одговорност за секого. Движењето ЗНАМ е тука – со луѓе со идеи, со визија. Се бориме за промени, а не за фотељи. За систем кој работи исклучиво во корист на граѓаните. Се бориме за нов политички модел, за нова култура на одговорност и резултати. Враќањето назад во системот на СДСМ, кој го девалвираше достоинството на граѓанинот и тргуваше со националните интереси, со што ја потроши довербата на народот за членството на Движењето ЗНАМ, не е опција“, рече таа.
На прашањето како ја оценува владината коалиција, откако премиерот Мицковски најави дека Таравари си заминува од владата, потпреседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Весна Бендевска рече:
„Премиерот Мицковски вчера го соопшти својот став, но Движење ЗНАМ – За наша Македонија во неколку наврати го кажуваше својот став. За нас е неприфатливо да седиме во иста влада со субјект кој се договара со ова нереформирано ДУИ. Движењето ЗНАМ и во својата предизборна програма говореше за итна потреба од дедуизација на општеството. Под ДУИ-зација подрабираме не албанофобија, туку напротив, ДУИ-зацијата значеше систем на коруптивно и криминално владеење. Систем кој го разори институционалниот систем“.
Запрашана каква е комуникацијата со пратениците од Алијансата на Таравари, и дали има најави дека можеби некои ќе останат со мнозинството, Бендевска одговори:
„Не присуствуваа на координацијата членовите на Алијанса за Албанците и навистина ќе е неодговорно да тврдам што ќе се случи со пратеници“.
Новинарите се интерсираа и за ставот околу изјавата на Ахмети дека владата нема етнички легитимитет, со оглед на тоа дека девет пратеници, Албанци остануваат во редовите на владата.
„ДУИ отиде и понатаму и ја нарече оваа влада моноетничка. Еден политички субјект од четирите што ја формираа Вредим, заминува. Остануваат три партии, сега здружени во еден политички субјект Вреди и оваа влада е се само не моноетничка“, објасни потпреседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Весна Бендевска на денешната прес конференција.