Емануел Макрон ќе биде домаќин на германскиот канцелар Олаф Шолц на проштална вечера во Елисејската палата вечерва, пред Шолц да му ја предаде функцијата на својот наследник Фридрих Мерц, кој се очекува да дојде во Париз една недела подоцна за да ги обнови француско-германските односи.
Претседателот на Франција „ќе оддаде почит на четиригодишната работа на канцеларот, во служба на посилна, понезависна и посуверена Европска Унија“, според соопштението на неговиот кабинет.
На последниот самит на Европската Унија (ЕУ) во Брисел во март, Макрон испрати „многу лична порака до канцеларот Шолц, кој во текот на овие години беше пријател, другар, политички партнер, кој навистина беше многу вреден партнер за нас“, соопшти Елисејската палата.
И покрај тие топли зборови, односите меѓу Париз и Берлин се познати по тоа што се ладни во последниве години под водство на двајца лидери кои имаат различни темпераменти – едниот сеприсутен, другиот молчалив.
Ова беше толку силно што француската страна не можеше да скрие извесно нетрпение пред доаѓањето на власт на новиот конзервативен канцелар Фридрих Мерц, победникот на парламентарните избори во февруари, кој ќе владее во коалиција со социјалдемократите.