Италијанскиот претседател Серџо Матарела денеска му се заблагодари на папата Франциско за неговите 12 години како поглавар на Римокатоличката црква.
Матарела му испрати порака на папата, кој беше инаугуриран на 19 март 2013 година, а моментално се лекува во римската болница Гемели од билатерална пневмонија, посакувајќи му брзо закрепнување, пренесе АНСА.
„Заедно со мене, италијанскиот народ ви е благодарен за овие 12 години во кои го покажавте најавтентичното сведоштво за евангелските вредности, во постојана служба не само на Католичката црква, туку и на целото човештво“, рече Матарела.
Според него, папата Франциско ја осуди употребата на сила и злоупотребите во светот и повика на етичка употреба на новите технологии.
Папата (88) беше примен во римската болница Гемели на 14 февруари со тешка респираторна инфекција и оттогаш не е виден во јавноста, пренесува Танјуг.