Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека Русија не гледа можност за компромис во однос на распоредувањето на странски „мировни сили“ во Украина.
Тој нагласи дека испраќањето странски војници во Украина би значело директна интервенција на НАТО во конфликтот, што Русија не го прифаќа, пренесе РИА Новости.
На прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Зимбабве, Амон Мурвира, Лавров ги коментираше и изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој претходно ја истакна потребата од испраќање мировни трупи во Украина, што, според Лавров, значи дека војниците ќе бидат испратени против Русија.
„Тоа веќе нема да биде хибридна војна, туку официјална интервенција на НАТО во конфликтот против Русија. Тоа не може да се дозволи“, нагласи Лавров.
Лавров истакна дека за испраќање мировни сили мора да се разговара со согласност на сите страни во конфликтот, што, како што вели, не е случај во сегашните преговори што ги водат западните лидери како Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.
Тој исто така додаде дека Русија ја смета нуклеарната реторика на францускиот претседател Емануел Макрон за „закана“.
„Се разбира, ова е закана за Русија. Тој свикува состанок на началниците на генералштабовите на европските земји и Велика Британија, тврдејќи дека е неопходно да се користи нуклеарно оружје, подготвувајќи се за употреба на нуклеарно оружје против Русија, тоа е, се разбира, закана“, рече Лавров на прес-конференција.
Францускиот претседател Емануел Макрон во средата изјави дека Франција е отворена за разговори за проширување на заштитата што нејзиниот нуклеарен арсенал им ја нуди на европските партнери, со оглед на заканите што Европа ги гледа од Русија.