Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека е подготвена да преговара со Израел за следната фаза од прекинот на огнот во Појасот Газа, по размената на палестински затвореници и израелски заложници во текот на ноќта.
Преговорите за втората фаза, во која Хамас би ослободил десетици преостанати заложници во замена за повеќе затвореници и траен прекин на огнот, сè уште не се започнати.
Хамас рече дека „единствениот начин“ Израел да обезбеди ослободување на преостанатите заложници е преку преговори и почитување на договорот, пренесува АП.
Милитантите, исто така, предупредија дека секој обид на Израел да се повлече од примирјето „само ќе доведе до поголемо страдање“ за затворениците и нивните семејства.
Претходно денеска, стотици ослободени палестински затвореници пристигнаа во Европската болница во Појасот Газа, каде што треба да бидат вратени 445 Палестинци како дел од прекинот на огнот Хамас-Израел.
Во исто време, неколку десетици затвореници се вратија на окупираниот Западен Брег, а израелските сили депортираа 97 палестински затвореници во Египет.
Се очекува Израел да ослободи вкупно 642 палестински затвореници во оваа фаза од прекинот на огнот, откако властите во Тел Авив одбија да ги ослободат Палестинците во саботата, пренесува Ал Џезира.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во текот на ноќта потврди дека телата на четворица заложници се вратени во Израел. Хамас синоќа му ги предаде телата на Црвениот крст, што на барање на Израел беше направено без церемонија или присуство на медиумите.