Поголема контрола од полицијата низ угостителските објекти со цел спречување на малолетниците да се забавуваат по полноќ, побараа членови на Советот на Општина Куманово.
На последната седница на која беше презентиран годишнииот извештај на Полициската станица од Општа надлежност, беше апелирано полицијата да помогне во сузбивање на веќе нормализираната пракса, малолетници да излегуваат во угостителски објекти по полноќ.
Имате само пет малолетни деца фатени во локали по 12 часот. Пет возрасни може да видите во локали по 12 часот, меѓутоа малолетни 100% има многу, што значи дека локалите после 24 часот не треба да се посетени од малолетни лица. Можеби младите сега ќе се завртат против мене и ќе кажат вие претседателке не мислите на нашата забава, но факт е дека не само во Куманово, туку и пошироко, баш поради непостапување на СВР, малолетните имаат навика да излегуваат од 11 до 5 часот и тоа е општо веќе прифатено, па родителите се чудат што да им прават, рече Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот на Општина Куманово.
Како што рече Ѓорѓиевска, на родителите им треба помош од институциите, кои на малолетниците ќе им укажат дека тоа што го прават не е по закон.
– Нас ни треба помош од институции кои ќе реагираат на терен и ќе кажат ова е недозволиво, не е според закон, не смеете да се наоѓате тука и да ни олесните во воспитувањето и усмерувањето на децата, затоа што поради голем број на непостапувања од страна на институциите, мислам дека општеството ни се претвори во хаос, додаде таа.
Сличен апел упати и советникот Миле Андоновски, кој вели дека ноќното излетување на малоетниите стана толку вообичаено, што родителите не можат сами да се справат со проблемот.
– Родителите не се во состојба да ги контролираат бидејќи ако некој родител го ограничи своето дете да излезе по 23 часот од дома бидејќи е малолетен, тој наидува на отпор и го прави родителот дека е против она што е вообичаено однесување на неговата генерација. Вие можете да помогнете, рече Андоновски.
Командирот на Полициската станица од Општа надлежност Куманово, Томислав Додевски, рече дека забелешките се на место и најави засилени контроли.
– За угостителските објекти контролите ќе бидат зајакнати, особено за малолетни лица кои се таму по 12 часот и на кои им се точи алкохол, рече командирот Додевски.
Инаку, според годишниот извештај, лани полицијата извршила 34 контроли на угостителски објекти во Куманово.
Никола Ивановски