Гасот купен со руска помош почна да тече во Придњестровје, објави на каналот Телеграм шефот на овој отцепен молдавски регион Вадим Расноселски.
„Ве информирам дека гас денеска влезе во Придњестровје. Оваа испорака беше овозможена благодарение на руската кредитна помош и макотрпната, прецизна, координирана работа на тимот на Министерството за енергетика на Руската Федерација“, напиша тој, пренесе РИА Новости.
Во свое име и во име на сите жители, тој им се заблагодари на Министерството за енергетика и руските официјални лица за поддршката на народот на Придњестровје во многу тешка енергетска ситуација.
Како што потсетува РИА Новости, Молдавија и Придњестровје се без руски гас од почетокот на годината поради неподготвеноста на Кишињев да го плати долгот кон Гаспром и прекинот на транзитот преку украинска територија, пренесува Танјуг.
Во Приднестровје имаше режим на ограничувања, станбените згради немаа ниту греење, ниту топла вода, додека надворешната температура падна под нулата.