Европските членки на Северноатлантскиот договор (НАТО) и Канада ги зголемиле трошоците за одбрана за 20 отсто во 2024 година во споредба со претходната година, објави генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Членките на НАТО се под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп да ги зголемат воените буџети, потсетува Ројтерс.
Многу членови се обидуваат да покажат дека ја разбрале неговата порака и веќе ги зголемиле трошоците за одбрана, особено по руската инвазија на Украина во 2022 година.
НАТО објави дека со зголемување од 20 отсто, неамериканските членки на Алијансата сега трошат вкупно 485 милијарди долари за одбрана.
Средба следната недела
„Со нетрпение го очекувам состанокот со министрите за одбрана на НАТО следната недела, каде што ќе разговараме како да инвестираме повеќе и подобро во одбраната“, изјави Руте за Ројтерс.
„Бројките се зголемуваат. Европа и Канада потрошија 20 отсто повеќе во 2024 година, така што вкупните нови инвестиции во последните години се зголемија од 640 милијарди долари на 700 милијарди долари“, додаде тој.
На состанокот следната среда ќе биде и секретарот за одбрана на Трамп, Пит Хегсет, пренесува Хина.