Најмалку шест лица се повредени денеска во напад на контролен пункт на Западниот брег под контрола на Израел, соопштија израелската војска и локалните болници.
Војската соопшти дека напаѓачот пукал во војници на контролен пункт во селото Тајир, лоцирано на северниот дел на Западниот Брег.
Војниците возвратиле на оган, а напаѓачот бил убиен, додаде војската.
Израелските болници соопштија дека примиле вкупно шест лица повредени во нападот.
Хамас и милитантната група Исламски џихад го поздравија нападот, но ниту една група не презеде одговорност за нападот.
Палестинското претседателство вчера го осуди, како што рече, етничкото чистење извршено од Израел на окупираниот Западен Брег.
Портпаролот на палестинското претседателство Набил Абу Рудеина, во изјава за новинската агенција Вафа, ги осуди израелските воени операции во последните денови, особено во северниот дел на Западниот Брег, јави Радио Слободна Европа.
Рудеина оцени дека нивната цел е да ги спроведат плановите за присилно раселување и етничко чистење и ја повика американската администрација „да интервенира пред да биде предоцна“.
Ако насилството продолжи, рече тој, тоа може да доведе до „неконтролирана експлозија на ситуацијата за која цел свет ќе ја плати цената“.
Израел изврши голема воена операција на северниот окупиран Западен Брег на 2 февруари, уништувајќи неколку згради, според израелската војска, која соопшти дека убила повеќе од 50, како што ги нарече „терористи“ на територијата од 14 јануари.
Израелските сили, поддржани од булдожери, беспилотни летала и оклопни возила, ја започнаа операцијата на 21 јануари против борците поврзани со Хамас и Исламски џихад, два дена по стапувањето на сила на прекинот на огнот во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас.