ТикТок се збогува со Американците

Сподели со своите пријатели

ТикТок, во сопственост на кинеската компанија ByteDance, најави дека утре ќе биде принудена да ги прекине сите активности во САД, доколку не добие јасна изјава од Белата куќа за нејзината иднина.

Loading...

Соопштението дојде откако американскиот Врховен суд вчера го потврди законот со кој се забранува ТикТок во САД, освен ако платформата не ги прекине врските со кинеската матична компанија ByteDance до недела, објави телевизијата ABC.

Американската администрација во петокот соопшти дека нема да ја спроведе потенцијалната забрана веднаш по истекот на рокот, оставајќи го спроведувањето на законот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата во понеделник.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Полагањето заклетва на Доналд Трамп ќе биде преместено во зградата на Капитол

Доналд Трамп, кој се спротивстави на забраната на апликацијата ТикТок, рече дека ќе се обиде да ја поништи одлуката.

Сепак, ТикТок изјави дека пораките од администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден не биле доволно јасни.

Како одговор на кинеската компанија, официјален претставник на Белата куќа за ABC доцна во петокот изјави дека администрацијата на Бајден веќе направила големи напори да ја соопшти својата позиција и дека ќе зависи од администрацијата на Трамп да го спроведе законот.

Врховниот суд на САД во петокот го потврди законот со кој се забранува кинеската компанија ТикТок, а забраната треба да стапи на сила утре, 19 јануари.

Според законот, кинеската компанија ByteDance треба да ја продаде американската филијала на својата популарна социјална мрежа TikTok до 19 јануари или во спротивно ќе биде забранета во Америка.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Лос Анџелес: Пожарот во Палисадес е локализиран 39 отсто, Итон 65 отсто

Според пресудата, законот, кој минатата година беше усвоен од големо мнозинство претставници во Конгресот, и републиканци и демократи, не го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја штити слободата на говорот, пренесува Ројтерс.

Врховниот суд ги сослуша аргументите од двете страни до 10 јануари, само девет дена пред истекот на рокот утврден со закон.

Апликацијата ја користат милиони Американци и е меѓу најпопуларните платформи во таа земја, а компанијата планира да ги затвори своите операции во САД доколку не дојде до пресврт во последен момент, велат извори на Ројтерс.

Трамп вчера изјави дека одлуката на американскиот Врховен суд „беше очекувана и мора да биде почитувана од сите“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Обама со фотографија ги демантираше гласините за развод

„Мојата одлука за ТикТок ќе биде донесена во блиска иднина, но ми треба време да ја разгледам ситуацијата“, рече Трамп во пораката на платформата Truth Social.

Трамп се противи на забраната на апликацијата во САД и верува дека токму оваа апликација му помогнала да привлече млади гласачи во претседателската трка во 2024 година, според Ројтерс.

Новиот советник за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, во средата рече дека новоизбраниот претседател има намера да преземе чекори за зачувување на ТикТок кога ќе се врати на функцијата, додаде агенцијата.