Бугарскиот парламент денеска изгласа нова влада предводена од премиерот Росен Жељасков, јавија бугарските медиуми.
Росен Жељасков, кој беше предложен за мандатар од групата ГЕРБ-СДС, вчера го прифатил мандатот од претседателот Румен Радев за формирање влада, објави бугарскиот портал Новините.
Новиот премиер се заблагодари на политичките партии кои учествуваа во преговорите за формирање влада и го претстави нејзиниот состав и цели.
Владата ја сочинуваат 19 министри, од кои двајца ќе ја извршуваат функцијата вицепремиер, а еден вицепремиер ќе биде министер без ресор.
Коалицијата ГЕРБ-СДС има 11 министри, Бугарската социјалистичка партија има пет претставници во владата, а „Има таков народ“ има четворица, јави бугарското радио.
„Приоритет на владата ќе биде квалитетот на животот на луѓето, со фокус на образованието и здравството“, најави Жељасков, додавајќи дека обезбедувањето владеење на правото, одржливи финансии, избалансиран буџет, како и успешните напори на Бугарија да стане членка на еврозоната се исто така важни задачи.
Доделувањето на мандатот на Жељасков уследи по неколкумесечни тешки коалициски преговори во кои лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов беше одбиен како кандидат за премиер.
Парламентарните избори во Бугарија се одржаа на 27 октомври 2024 година, а Радев одлучи да им даде дополнително време на партиите да преговараат пред првиот мандат, нагласувајќи дека тоа го направил „со надеж дека преговарачите ќе разберат дека нивната одговорност оди подалеку од партиските интереси и нивните изборни тело, и дека тие се одговорни пред целиот бугарски народ“, објави бугарското радио.
Во октомври во Бугарија се одржаа парламентарни избори, на кои најмногу гласови или околу 25 отсто од гласовите освои централнодесничарската партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.